СДСМ ја обвинува Владата на ВМРО-ДПМНЕ за ново „небулозно“ задолжување од 15 милиони евра

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска на собраниска седница ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за ново задолжување од 15 милиони евра. Според неа, парите се наменети за проект кој е веќе реализиран 94,3%, што го прави задолжувањето „небулозно“.

​Лукаревска потсети дека проектот, со вкупна вредност од 21,5 милиони евра, бил донесен уште во 2020 година, со поддршка на тогашното мнозинство на СДСМ.

​„Истите тие кои денес седат во Владата, тогаш го критикуваа. Неосновано. Обвинуваа за ‘душманско трошење’… А сега е исто, само износот на којшто треба да се задолжиме е различен“, истакна Лукаревска.

​Според пратеничката, новото законско решение за задолжување се носи без присуство на претставник од Министерството за образование. Таа нагласи дека се задржани истите четири компоненти од првичното решение, вклучително и обуките и консултантите, токму она што ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше додека беше во опозиција.

​„Што е сменето? Ништо. Освен што сега трошат уште 15 милиони евра. И ова се прави пред избори за да можат градоначалниците да се пофалат со поддршка од централната власт. Замислете, денес е втори септември, изборите се на 19 октомври“, изјави Лукаревска, оценувајќи дека ова задолжување е политичка злоупотреба без економска логика и отчетност.

​Лукаревска заклучи со забелешка за двојните стандарди на Владата: „Ако нешто се критикуваше претходно од опозицијата, што е сменето сега за да се поддржи кога сте власт? Веројатно овде ќе важи и она правило: Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“.