Македонскиот фудбалски великан Вардар пристигна во Лозана, каде утре го очекува реванш-натпреварот од второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА против швајцарскиот ривал. Црвено-црните во Швајцарија пристигнаа со минимална предност од првиот натпревар одигран во Скопје (2-1), но стручниот штаб предводен од Гоце Седлоски останува крајно претпазлив.
„Одигравме само едно полувреме од овој двомеч. Сè уште ништо не е решено. Утре излегуваме да покажеме колку навистина можеме. Вардар ќе настапи ангажирано, одговорно и прагматично. Ќе се обидеме да бидеме максимално фокусирани и да ги искористиме сите шанси што ќе ни се укажат“, изјави Седлоски.
Во тимот повторно е и искусниот Горан Закариќ, а дефинитивната одлука за почетниот состав ќе биде донесена по официјалниот тренинг кој треба да се одржи денес.
„Што се однесува до вештачката трева – сме подготвени. Трениравме на таков терен и во Скопје. Тоа за нас не е изговор. Ќе се обидеме да играме на нивото што го прикажавме на домашен терен. Очекувам добар меч со силен противник. Нека победи подобриот“, додаде стратегот на Вардар.
Натпреварот меѓу Лозана и Вардар ќе се одигра во четврток со почеток од 20:15 часот. Победникот од оваа пресметка ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Зимбру (Молдавија) и Астана (Казахстан) во третото квалификациско коло.