Семејствата на трагично загинатите деца во несреќата во Кочани, организирани преку Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, јавно го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да ја објави целосната видео-снимка од состанокот што се одржал во Владата на 7 јули 2025 година.
Во своето соопштение, родителите категорично ги демантираат тврдењата изнесени на официјалната веб-страница на Владата, каде што, како што велат, биле обвинети дека шират невистини.
„На 07.07.2025 година (понеделник) во 17:00 часот, во кабинетот на премиерот, се одржа официјален состанок со мнозинството од родителите на загинатите деца. Целиот разговор беше сниман од страна на Владата. Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видео-снимка, за јавноста самата да се увери во вистината“, се вели во јавниот повик од Здружението.
Случајот, кој остави длабоки траги во македонската јавност, продолжува да биде тема на интерес и барање за одговорност. Семејствата настраданите инсистираат на целосна транспарентност и истина за околностите по трагедијата.