Поранешната ѕвезда на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, би можел да се врати во италијанската Серија А, но овојпат во дресот на Јувентус. Медиумите во Италија известуваат дека Јувентус го гледа српскиот фудбалер од средниот ред како идеално засилување.
Тренерот на „старата дама“, Игор Тудор, се пожалил на недостатокот на квалитетни играчи во средниот ред, а раководството веднаш започнало со потрагата по соодветно решение.
Од друга страна, и самиот Милинковиќ-Савиќ, кој моментно настапува за Ал Хилал во Саудиска Арабија, е заинтересиран за враќање во Европа. Доколку трансферот се реализира, тој ќе стане третиот Србин во тимот на Јувентус, заедно со Душан Влаховиќ и Филип Костиќ.
Ова не е првпат Јувентус да пројавува интерес за него. Тие се обидувале да го доведат и додека играше за Лацио, но без успех.
За време на осумте години поминати во Лацио, Милинковиќ-Савиќ забележа одлични бројки: 341 настап, 69 гола и 58 асистенции. Во Ал Хилал, за две години, има 100 настапи со 29 гола и 25 асистенции.