Сериозно загрозена позицијата на Игор Тудор во Јувентус, се шпекулира со наследник

Лошиот почеток на сезоната и вчерашниот пораз од Комо сериозно ја загрозија позицијата на тренерот на Јувентус, Игор Тудор. Медиумите во Италија шпекулираат дека клубот веќе размислува за негова смена, а како најверојатен кандидат за наследник се спомнува Рафаеле Паладино, поранешен играч на „Старата дама“ кој добро ја познава клупската средина.

​Како што пишува „Калчомеркато“, управата на клубот веќе размислува за промена на клупата. Индикативно за ова е и наводната синоќешна вечера во Милано помеѓу спортскиот директор на Јувентус, Франсоа Модесто, и тренерот Рафаеле Паладино.

​Модесто и Паладино ги поврзува долгогодишно пријателство, кое датира од нивните заеднички денови во Монца. Смената на тренерот во Јувентус станува сѐ пореална, со оглед на тоа што тимот забележа пет нерешени резултати и еден пораз во последните шест натпревари.

​Рафаеле Паладино (роден 1984 година) својата фудбалска кариера ја започнал во младинскиот клуб на Беневенто, а како играч настапувал за Јувентус, Ливорно, Џенова и Парма.

​По завршувањето на играчката кариера, Паладино влезе во тренерските води, почнувајќи од Монца. Тој го презеде клубот во тежок период, но успеа да го стабилизира тимот благодарение на неговата тактичка флексибилност и смирен пристап. Под негово водство, Монца играше модерен, офанзивен фудбал, со што Паладино стекна репутација на перспективен млад тренер.

​Неговата работа го привлече вниманието на големите клубови, а неговото познавање на клупската култура на Јувентус и блиските односи со спортскиот сектор го прават логичен избор доколку клубот од Торино одлучи да го смени актуелниот тренер.

​Паладино се смета за еден од најперспективните италијански тренери од новата генерација. Негов последен клуб беше Фиорентина, со која оствари 26 победи, 12 нерешени резултати и 15 порази во 53 натпревари.