Сигурна енергија под лупа – институциите со заеднички чекори за стабилен систем

На денешниот состанок на Ресорската група за енергетика, одржан во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа разгледани актуелните состојби со електричната енергија и координираните активности на главните институции: АД ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот.

Групата, формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска, има цел да овозможи континуирана координација и брза реакција при потенцијални ризици во снабдувањето.

Во фокусот на состанокот беше анализата на потрошувачката за време на неодамнешните празници и подготвеноста на мрежата за првомајскиот викенд. Утврдена е стабилна состојба без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат во приправност.

АД ЕСМ информираше дека водостојот, кој на крајот на минатата година изнесуваше критични 11%, сега е стабилизиран над 30%, благодарение на одговорно управување со ресурсите.

Дополнително се дискутираше за текот на енергетските проекти – некои напредуваат според планот, додека кај други се преземаат мерки за надминување на одредени предизвици. Разгледани беа и идни инвестиции за јакнење на сигурноста на мрежата.

Министерката Божиновска нагласи:

„Секој чекор што го преземаме е насочен кон безбедно и стабилно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е клуч за навремено справување со секој предизвик.“

Групата ќе продолжи со редовни состаноци и транспарентно информирање на јавноста, со професионален пристап во управувањето со енергетскиот систем.