Силно невреме, проследено со пороен дожд и силен ветер, ја зафати Албанија, предизвикувајќи голем застој во воздушниот, поморскиот и патниот сообраќај.
Според „Евроњуз Албанија“, меѓународниот аеродром во Тирана привремено го прекина авионскиот сообраќај бидејќи силниот ветер и дождот ја оневозможија нормалната работа на пистата. Големи бранови на Јадранското Море предизвикаа застој и во поморскиот транспорт.
Во Драч, Тирана и други градови, ветерот корнеше дрвја, а на повеќе места има и прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Министерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните да не излегуваат од своите домови доколку немаат итна потреба, поради паднати дрвја, гранки и откорнати покриви на улиците. За итни случаи, граѓаните можат да се јават на бројот 112.
Албанските медиуми јавуваат дека дел од туристите веќе го напуштаат крајбрежјето поради невремето.