Силно невреме во Скопје: Материјални штети и пожари

Попладнево, по силно невреме и интензивни ветрови, во повеќе делови од Скопје се предизвикани материјални штети и регистрирани се пожари.

​Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во постојана координација со сите релевантни служби. Директорот на ЦУК, Мухамед Алу, ги координира активностите на терен. Според досегашните информации, нема повредени лица.

​ЦУК ги повикува граѓаните кои претрпеле штети или забележале ризици веднаш да се јават на бројот за итни повици 112.

​Пријавени штети и пожари

​Пожари: Забележани се пожари кај селото Крушопек на планината Водно, предизвикан од искрење на жици за електрична енергија. Пожар има и во близина на спортската сала „Борис Трајковски“, како и во скопското село Волково.

​Материјални штети: Во Ѓорче Петров силниот ветер откорнал покрив на зграда. Пријавени се и паднати дрва кои го блокираат сообраќајот низ градот.