Синадиновска по убиството во Прилеп: „Психопати ни шетаат слободно, деца ни испоубија!“

Новинарката Катерина Синадиновска со жестока објава на социјалните мрежи го коментираше бруталното убиство во Прилеп, упатувајќи директна критика до институциите и безбедносните служби поради нивното неделување во спречувањето на вакви трагедии.

„Она зло од Прилеп што ја вознемири цела Македонија со години трубеше за патриотизам, славејќи ги Путин и Ким Џонг Ун, сеејќи закани за сите поддржувачи на западниот свет“, пишува Синадиновска, алудирајќи на убиството извршено од лице кое долго време се претставувало како патриот на социјалните мрежи.

Таа потсетува и на случајот со убиството на Вања и Панче, истакнувајќи дека и таму сторителите биле „врвни патриоти“ кои секојдневно се заканувале со бесилки и кубури.

„Има ли бе оваа држава служби кои треба да превенираат вакви катастрофи!?“, прашува новинарката, револтирана од фактот што насилниците и екстремистите слободно се изразуваат на интернет, без никаков страв од последици.

„Социјалните мрежи вријат од психопати, од лудаци од најтежок вид, насилници, убијци и перверзници. Не се ни кријат. Отворено пишуваат статуси, имаат подкасти, дебатираат и бистрат домашна и геополитика“, нагласува Синадиновска.

Таа укажува дека секојдневно може да се идентификуваат десетици потенцијално опасни лица, но државата останува немоќна – или, како што сугерира, свесно ги толерира.

„Што работат тие кои треба ова да го санкционираат, ама и спречат? Или убаво им доаѓа флертот со фашизмот, национализмот и ѓоамити патриотизмот, па ги оставаат да виреат!?“

Со вознемирувачка прецизност, таа предупредува:
„Опрајте се! Деца ни испоубија, луѓе! Вакви ѓубриња треба да се следат и спроведат. Пикнете пет души кај што треба, па ќе видиме дали секоја будала ќе го оправа светскиот поредок со три пива сретсело. Тоа што секоја втора од тие будали има оружје е приказна за себе…“

„Дали сте сите вие свесни какво зло шета меѓу нас!? Патриоти биле тие… фамилија си убиваат, деца. Македонски деца. Гнаси!“, завршува таа, барајќи конечно будење и конкретна реакција од државата.