Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денес започнува работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите нации за океанот (UNOC3).
Во рамки на конференцијата, Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свечениот прием во чест на високите гости, организиран од претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Претседателката ќе биде дел и од официјалната церемонија за отворање на Декадата за криосферски науки, на која ќе присуствува и генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле. Исто така, таа ќе учествува на презентацијата на клучните препораки од специјалните настани на UNOC3 – Конгресот за океанска наука, Форумот за сина економија и финансии, како и Самитот за зголемување на нивото на морето и крајбрежна отпорност. Настанот ќе се одржи во „Агора Нептун“, во присуство на францускиот претседател.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати пред шефовите на држави и влади во рамки на конференцијата, со фокус на поддршка за спроведувањето на Целта 14 од Агендата за одржлив развој: „Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси“.
На посебна церемонија, претседателката ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност во подрачја надвор од национална јурисдикција (BBNJ). Овој договор беше усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година и претставува значаен чекор кон глобална заштита на океаните.