Сиљановска-Давкова во ОН: Руската агресија го загрозува мирот, ЕУ условува со идентитетот и создава безбедносен вакум на Балканот

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, ги истакна глобалните геополитички предизвици, со посебен фокус на војната во Украина и блокираниот европски пат на земјата.

​Сиљановска-Давкова нагласи дека војната во Украина, која трае веќе три и пол години, претставува „флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации“ и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста. Таа изрази загриженост и за неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО – Полска, Романија и Естонија.

​Претседателката ја поддржа Заедничката изјава од 12 септември и повика на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија.

​Според Сиљановска-Давкова, геополитичката раседна линија минува и низ Западен Балкан. Таа посочи дека македонското пристапување кон ЕУ веќе 20 години е континуирано попречувано, не врз основа на копенхагенските критериуми, туку поради субјективни и националистички причини.

​Таа остро го критикуваше новиот ЕУ услов за почеток на преговорите – наметната промена на Уставот.

​„Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните… е највнатрешното прашање на секоја држава. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија“, рече Сиљановска-Давкова.

​Претседателката предупреди дека условувањето со уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои се сметаше дека се затворени со Преспанскиот договор. Таа праша: „Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?“.

​Сиљановска-Давкова предупреди дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западен Балкан е безбедносно, а не само политичко прашање.

​Таа ја обвини Унијата дека со затворената политичка врата за регионот, создава геополитички вакум и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ.

​На крајот, таа порача дека ако Европската Унија сака да биде геополитичка сила, „таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум“ и мора час поскоро да го скрши „оклопот на консензусот“ за да ја заврши ре-унификацијата на Европа.