Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
Амбасадорот, пренесувајќи поздрави од претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, истакна дека ќе се фокусира на одржување на добрите политички односи и проширување на соработката во повеќе сфери.
Сиљановска-Давкова нагласи дека предавањето на акредитивите означува ново поглавје во зацврстувањето на пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на економската, трговската и инвестициската соработка. Таа изрази верба дека инвеститорите од ОАЕ ќе ги искористат можностите што ги нуди македонската Влада, истакнувајќи ја важноста на соработката и во образованието, културата, здравството, туризмот и земјоделството.
На средбата се разговараше за трговската размена, која во 2023 година изнесувала 3,11 милиони долари, при што беше истакната потребата од подобрување на економските односи. Двајцата соговорници се согласија дека отворање на амбасада на ОАЕ во земјава би го олеснило институционалното поврзување.
Претседателката му посака успешна работа на амбасадорот и преку него упати покана до претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, да ја посети Македонија.