Сиљановска-Давкова на Брдо-Бриони: Цинизам е да барате отпорност од Западен Балкан, а го оставате пред портите на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на годишната средба на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“, која се одржа во Драч, Република Албанија.

​Таа укажа на неодржливоста на предолгото чекање на Западен Балкан пред портите на Брисел, истакнувајќи дека проширувањето на ЕУ е клучно за зајакнување на нејзината улога и зголемување на отпорноста на регионот кон трети влијанија.

​„[Тоа е] цинизам и хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија“, нагласи Сиљановска-Давкова.

​Претседателката потенцираше дека оваа година, за разлика од минатата, Декларацијата е усвоена со консензус на лидерите на земјите учеснички.

​За неа, соработката е неопходна за решавање на заедничките проблеми, како што се: егзодусот на младите, опасноста од стагнирање на економијата и надминување на безбедносните предизвици.

​„Верувам во добрата волја, верувам во добрите намери, верувам во посветеноста на Хрватска и Словенија на процесот и нивната посебна одговорност кон регионот и неговото забрзано чекорење кон ЕУ“, заклучи Сиљановска-Давкова.

​„Процесот Брдо-Бриони“ е инициран од Република Хрватска и Република Словенија, а ги вклучува и Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Следниот состанок ќе се одржи во Република Хрватска.