По повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими група млади од Охрид.
На средбата присуствуваа претставници од Младинскиот центар и Младинскиот совет од Охрид, првенци на генерација, креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни размени и членови на Летната школа за гитара и Летната ликовна школа.
Претседателката Сиљановска-Давкова го нарече Меѓународниот ден на младите „најважен празник на светот“ и истакна дека Охрид ќе биде поубав ако се искористат знаењето, умот и талентот на младите. Таа нагласи дека возрасните мора да им овозможат на младите да учествуваат во управувањето со сегашноста, со цел да се обезбеди подобра иднина.
Младите од Охрид ги презентираа своите вештини во ИТ, сликарството, танцот и музиката, а средношколците ги споделија своите планови и искуства.
На средбата беше истакнато дека важен чекор за младинското учество во процесот на одлучување е донесувањето на измените на Законот за младинско учество и младински политики.