Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, денес ги прими акредитивите од новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан, Хазем Ал-Кхатиб Ал-Тамими, со седиште во Анкара.
Со срдечни поздрави до кралот Абдула Втори и јорданскиот народ, Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија и Јордан споделуваат исти цивилизациски вредности – од мирот и безбедноста, до човековите права, борбата против тероризмот и развојот на обновливи извори на енергија.
„Овој свечен чин е ново поглавје во нашите односи. Очекуваме интензивираниот политички дијалог да биде препознаен и од јорданските инвеститори“, истакна претседателката.
Амбасадорот Ал-Кхатиб Ал-Тамими најави дека ќе вложи максимални напори за проширување на соработката, со фокус на потпишување договори и меморандуми во области од заемен интерес. Тој нагласи дека вистинската вредност на секоја држава е во човечкиот капитал.
Во пресрет на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, и двајцата соговорници изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.