Скопје е умерен град!

Скопје ја изгуби својата душа и функција, Скопје е умрен град. Умрен, но се уште незакопан во сопственото ѓубре. Еве да застанеме на секунда и размислиме за тагата и очајот во кои се наоѓаме: во 2025 година, додека главните градови низ светот организираат светски настани, ние боже мили господе се молиме да ни го соберат ѓубрето што се трупа пред контејнерите, се молиме да дојде автобус што го чекаме по 40 минути за да стигнеме до ебаниот центар, до работа, до школо, до пизду материн. Мизерија за град во кој пола од неговите граѓани користат јавен превоз. Точак? Good luck. Велопатеките се паркинзи, а паркинзите автопродавници на увезени коли, возиш и се молиш на богот Велосипедос.

Воздухот што го дишеме е со хемиски состав од половина елементи на менделеевиот систем, а за депониите да не збориме ич. Секоја чест за малкуте што се уште се борат да сменат нешто, преку собири и протести. Да бидеме реални, градот е закочен и нефункционален пар години, па затоа и никој нема право да мрчи кога некој ќе блокира улица во обид да направи нешто, било сабајле или навечер. Тука е и лудото возење на коли, несовесното однесување кон јавните површини, искршени клупи, канти и тротоари. Никаков културен живот. Само реклами за казина и брзи кредити. Тотално самоуништување!

Ако сакаме (со доза сомнеж) Скопје повторно да се роди, мора прво да признаеме дека е умрен и дури тогаш да почнеме повторно да го градиме, ама не со фасади, туку со совест. Но, совеста… таму изгледа сме најутепани штом сме се довеле до ваква ситуација. Затоа, и ќе го парафразирам вицот што ми го кажа другар, што го слушнал од Тони Михајловски: двајца скопјани гледаат како тоне нивниот град и едниот на другиот му вика: „А бе, градов пропаѓа…“, а другиот му враќа: „Ај бе па ти, што те боли кур, на татко ти да не е!“

 

Пишува: Влатко Васиљ