Интервју со Ѓорѓи Галетановски, поранешен директор на скопската зоолошка градина и актуелен претседател на градската организација на СДСМ во Скопје. Еден од можните кандидати за градоначалник на СДСМ за Град Скопје.
Револуционер: Што би било вашето главно изборно мото и кои три приоритетни проекти би ги реализирале доколку бидете кандидат и победите на изборите за градоначалник на Скопје?
Галетановски: Секој што ќе биде кандидат за градоначалник треба да потпише изјава на нотар за кривична и материјална одговорност за неисполнување на изборната програма. Овој пат, Скопје не смее да погреши и да гласа на слепо. Тоа би ми било изборно мото, а трите најхитни проекти, според мене, се јавниот превоз, екстремното загадување и труењето на скопјани, како и инфраструктурата.
Револуционер: Доколку бидете кандидат за градоначалник, како би го искористиле вашето искуство од Зоолошката градина за подобрување на јавните простори, животната средина и односот кон животните во градот?
Галетановски: Искуството таму ме научи колку се важни хигиената и емпатијата во едно општество. Човек што не е добар кон животните, не е добар човек. Чистата околина и зеленилото се многу важни, особено во централниот дел на Скопје, и кој и да е градоначалник, мора морално да формира комунална и анимал полиција. Уличните кучиња не само што не се згрижени, туку и се малтретирани за да касаат, а градот потоа плаќа огромни суми за оштети. На „Лајка“ треба да ѝ се помогне со надградба на капацитетот, а ветеринарната амбуланта таму да биде сервис за скопјани, каде што по нормални цени ќе можат да ги лекуваат своите миленици. Ако би постоела таква служба, никој повеќе не би фрлал хартија и ѓубре од автомобил или низ паркови. Казна 3.000 денари – па нека фрли пак!
Револуционер: Како потенцијален кандидат за градоначалник, што би направиле за да го решите проблемот со загадувањето и инфраструктурните предизвици во Скопје?
Галетановски: Аерозагадувањето е рак-рана, бидејќи Скопје е во котлина. Оној што ќе биде татко на градот мора во првите две години итно да спроведе инспекции во сите фабрики и институции што се греат и работат на мазут и јаглен – без респект! Дополнително, треба да се обезбедат субвенции за инвертери барем за 50% од семејствата во приградските населби што се греат на дрва и јаглен. Верувајте, резултатите би биле веднаш видливи.
Револуционер: Доколку бидете кандидат за градоначалник, како би ја подобриле транспарентноста и комуникацијата со граѓаните за нивните секојдневни проблеми?
Галетановски: Транспарентноста на Град Скопје со граѓаните е голем проблем и мора да се реши со деполитизација на градската администрација. Бев таму, сведок сум – вработените немаат мир и не можат да бидат сервис за скопјани, бидејќи постојано се замараат кој е за ВМРО, кој е за СДСМ, кој ќе биде сменет од функција. Тоа мора да престане! Треба да се знае дека таму ќе работат професионалци, без притисоци. Само така ќе бидат брз и ефикасен сервис за скопјани. Скопје мора да се смири – нема веќе време за СДСМ и ВМРО!
Револуционер: Што би промениле во однос на урбанистичкото планирање и регулирањето на сообраќајниот хаос доколку ја добиете шансата да се кандидатирате и победите како градоначалник на Скопје?
Галетановски: Мислам дека има премногу градење во централниот дел на градот. Прво, веќе е хаос во комуналната и инфраструктурната мрежа. Второ, цените на становите се астрономски. Би седнал со градоначалниците на другите општини и би вовел временска забрана за издавање дозволи за градби во централниот дел и во сите населби. Зошто да не дадеме шанса да се гради во Маџари, Пинтија, Лисиче, Волково – каде што квадрат би чинел 800 евра, а не 2.000? А сообраќајниот хаос се решава лесно – итна санација на главните улици, привремено претворање на некои едносмерни во двосмерни и – немаме гајле. Сѐ е можно ако се сака!