Скрининг во Трубарево: Над 100 лица прегледани, осум упатени на Пулмологија поради хронични болести

Министерството за здравство, во соработка со Клиниката за пулмологија, спроведе дводневен скрининг на населението во Трубарево со цел навремено откривање на евентуални симптоми на дишните патишта.

​Министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека во текот на вчерашниот ден се прегледани над 100 лица на двата пункта во Трубарево.

​Осум лица се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време немале направено контролни прегледи.

​Пациентите упатени на Клиниката имале симптоми на потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите.

​Во рамки на скринингот биле детектирани и пациенти со висок крвен притисок, кои добиле совет да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.

​Министерот Алиу истакна дека скринингот, кој опфатил клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет, имал голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена. Тој најави дека Министерството ќе продолжи да ја следи состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции.