Скромноста е идентификација со силна психичка контрола.
Тоа е одлика на суперинтелигентни луѓе. Понекогаш иде и кога си во комплетен хедонизам, атрактивна е и во тешки ситуации, апсолутна кога поседуваш се.
Тоа е првата фаза на џентлменството и за разлика од него не мора да значи дека со неа работиш свесно против себе.
Ментален перформанс кој кај некои прераснува во стил на живот.
Ако лицето кое ја поседува оваа извонредна ментална вештина е сиромашно со пари, тогаш кај разбраниот дел од публиката предизвикува сожалување до ниво на икона.
Ако е богат а скромен, тоа е восхит и перфектна школа за будалите да се огледаат и малку да се поправат.
Во суштина теретот на изместениот амбиент, промашената журка , лудата љубов и невкусната храна, паѓа секогаш на скромниот.
Неговиот речник е толку пријатно верзиран, во самата комуникација тивко го преокренува резултатот. Понекогаш и со молк разбива, засрамувајќи ги другите и прескромно глумејќи дека ништо не забележал.
Тоа е можеби и најголемата човечка способност, поготово кога во скутот на нејзиниот род седат и честа, отвореноста, искреноста, алтруизмот, другарството и господството.
Многу ретка , оптички невидлива бројка на луѓе ја имаат а ја чувствуваш само кога се во твое присуство.
Може да се облечени грофовски а Бога ми и испоснички. Ама никако не се прости, нит наивни.
Филозофски се потчинуваат за да ја одржат тенката линија помеѓу надменоста и лажните вредности.
Скромните се големи луѓе.
Иницијалите на нивните дела се во суштина историите на големите..
Тоа е психологија а таквите содржини не можат да се прераскажат.
Толку му се потребни на денешниот свет!!
Пишува: Митко Василевски