Јавниот повик за ангажирање лица што ќе учествуваат во гаснење пожари низ државата завршува денеска, а интересот е далеку под очекувањата, особено во Скопје. На денешната прес-конференција, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека досега се пријавиле помалку од 500 кандидати од цела Македонија, додека бројот на пријавени од главниот град е под 50 – значително помал од очекуваните 80.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени на територијата на целата држава. Нам ни се потребни 400 лица. За жал, бројката во Скопје е под 50“, изјави Ангелов.
Пријавените кандидати ќе бидат повикани во следните два до три дена и ќе започнат најмалку дводневна обука во територијалните противпожарни единици. Во рамките на обуката ќе се спроведе селекција, а најдобрите ќе добијат можност за понатамошно вработување во локалните противпожарни служби или во самата ДЗС.
Ангелов посочи дека во рамки на ДЗС ќе се формира и Специјализирана единица за интервенции на тешко пристапни терени, каде што ќе бидат ангажирани млади и физички подготвени лица. За нив се предвидуваат плати повисоки од оние на стандардните пожарникари.
„Станува збор за лица кои ќе бидат обучени за работа на најтешките и најсложените терени. Ангажманот од 24 илјади денари е форма на доброволно приклучување кон владината мерка, со цел да се изврши селекција. Најдобрите ќе добијат можност за вработување во противпожарните единици, каде платите се над 40 илјади денари“, нагласи Ангелов.
Во меѓувреме, според последните податоци, до 18:30 часот се регистрирани вкупно 21 пожар низ државата. Од нив, 11 се изгаснати, шест се сè уште активни, а четири се ставени под контрола.