Македонската економија полека заздравува – годинава се очекува раст од три проценти, а инфлацијата ќе продолжи да се намалува, изјави гувернерот Трајко Славески во интервју за порталот „Пари“.
„Основното макроекономско сценарио укажува на солидна динамика на натамошно закрепнување“, порача Славески, нагласувајќи дека двигатели на растот ќе бидат инвестициите – и домашни и странски – како и најавениот инфраструктурен бум.
Според него, странските директни инвестиции минатата година достигнале околу 7% од БДП – рекордно ниво што дополнително ќе го поттикне економскиот раст.
„Видлива е и зголемената кредитна поддршка на компаниите, а податоците покажуваат постојан пораст на расположливиот доход кај населението, како и на потрошувачките кредити“, посочи гувернерот.
На среден рок, економијата може да се движи со раст од околу 4%, што, според него, е добра основа за стабилен развој и поголема сигурност за граѓаните.
Раст, инвестиции, кредити и стабилна инфлација – дали економската слика конечно добива светли тонови?