Пред пратениците денес, на 52. седница на Собранието, се најде Предлогот за именување на нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
За нов гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје, кој треба да ја наследи актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. За негов избор е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.
Славески, кој во моментов е претседател на Советот на Град Скопје, има искуство како поранешен министер за развој и министер за финансии. Мандатот на гувернерот трае седум години.
Предлогот до Собранието го достави претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која информираше дека претходно имала консултации со неколкумина кандидати. Таа посочи дека изборот бил тежок, но конечната одлука ја донела врз основа на стручност, компетентност, интегритет и реален капацитет за функцијата.
„Изборот беше навистина тежок, имајќи го предвид докажаниот квалитет на сите кандидати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за Славески, додека опозициските партии изразија резерви, обвинувајќи дека се работи за партиски кадар, а не за неутрален експерт, како што била досегашната практика.
На денешната седница ќе се расправа и за Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа (второ читање), како и за Предлог-законот за изменување на Законот за култура, кој се носи по скратена постапка.