Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска донесе одлука за распишување јавен оглас за избор на нов претседател и член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), по оставката на досегашната претседателка Татјана Димитровска.
Димитровска ја поднесе оставката на 25 јули, а на 29 јули истата беше официјално констатирана од страна на Собранието, по поднесеното обвинение од Обвинителството за гонење организиран криминал. Обвинението ја товари за две кривични дела, оддавање службена тајна на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ „Неготино“ и обвинет во случајот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат, откако се откри дека ревизор од Државниот завод за ревизија го положил тестот за државна тајна во нејзино име.
Според Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, функцијата претседател или член на ДКСК престанува пред истекот на мандатот во случаи како: поднесена оставка, трајна неспособност за вршење на функцијата (утврдена од Собранието), правосилна пресуда за кривично дело со безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или смрт. Престанокот на функцијата го констатира Собранието.
Со новиот јавен оглас, институциите ќе бараат кадар кој ќе ја врати довербата во антикорупцискиот систем, по серијата контроверзии што ја следеа досегашната претседателка на Комисијата.