Со 71 глас „за“, без ниту еден глас против или воздржан, денеска Собранието ја изгласа интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата Левица. Со ова, пратениците констатираа дека наводите во интерпелацијата се основани.
Интерпелацијата беше иницирана минатиот месец, како реакција на, како што наведоа од Левица, селективниот пристап на Обвинителството во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание врз работата на обвинителските органи, хаос во функционирањето на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и непостапување по службена должност во врска со дивоградбите во главниот град.
Пред почетокот на собраниската седница, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, на прес-конференција изјави дека неговата партија нема да учествува во гласањето, со образложение дека интерпелацијата нема правнообврзувачки карактер и дека одлуката дали Коцевски ќе ја напушти функцијата е лично негова. Митрески додаде дека пратеничката група на СДСМ и Коалицијата остануваат на принципиелниот став дека обвинителството мора да биде целосно независно, ослободено од политички притисоци и дека секоја одлука мора да се донесува исклучиво според закон.