Денеска е закажана седница на собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). На дневен ред е Предлогот за заклучок за вршење надзор над работата на АНБ.
Со седницата ќе претседава Скендер Реџепи, согласно договорот постигнат меѓу членовите на Комисијата, за што бил информиран и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Надзорна посета на АНБ по седницата
По завршувањето на седницата, членовите на Комисијата кои поседуваат безбедносни сертификати ќе извршат надзорна посета на АНБ.
Седницата е свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов, по информациите во јавноста дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски (тогашен опозициски лидер), како и новинари и бизнисмени.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека целата документација е веќе испратена до Обвинителството, а премиерот Мицкоски неколку пати изјави дека очекува Обвинителството да постапи по случајот.
Опозицијата бара декласификација на документацијата и најави дека ќе ја објавува вистината за случајот на прес-конференции.