Советникот на Хамнеи по израелскиот напад: Жив сум и подготвен да го жртвувам својот живот

По денови на шпекулации и неофицијални информации, иранските државни медиуми потврдија дека Али Шамкани, еден од најблиските советници на врховниот лидер Али Хамнеи, преживеал израелски воздушен напад и во моментов закрепнува во болница.

Во заедничко соопштение објавено од новинските агенции „Фарс“ и „Мехр“, му се припишуваат зборовите:

„Жив сум и подготвен да го жртвувам својот живот“, со порака дека денот на победата е блиску, а Иран ќе продолжи да сјае во историјата.

„Насмевките на мачениците ќе ја одразуваат нашата иднина“, изјавил Шамкани, кој важи за клучен играч во безбедносниот естаблишмент на Иран и посредник во преговорите со Саудиска Арабија под покровителство на Кина.

Минатата недела, иранските медиуми првично објавија дека Шамкани загинал во првиот бран израелски напади, но новите информации укажуваат дека бил брзо хоспитализиран и успешно стабилизиран.

Шамкани во изминатата деценија ја имаше улогата на највисок функционер за национална безбедност, а неговото преживување се смета за важен момент во контекстот на актуелните тензии меѓу Иран и Израел.