Советот за безбедност на ОН денеска треба да одржи итен состанок за да разговара за израелскиот напад врз раководството на Хамас во Катар, јавува ДПА. Седницата била побарана од Алжир и други земји-членки на Советот.
Во вчерашниот напад во Доха загинаа шест лица, меѓу кои и синот на Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на Хамас во странство, како и неговиот шеф на кабинет.
Катар го осуди нападот како „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и како „сериозна закана за безбедноста“ на неговото население.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот е одговор на смртоносниот напад на Хамас во Ерусалим во понеделникот, во кој беа убиени шест лица, како и на нападот врз израелски војници во Газа.
Арапските држави остро го осудија нападот, а со критики се огласија и американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Катар, заедно со Египет и САД, е клучен посредник во преговорите меѓу Израел и Хамас, иако тие се во застој со месеци.