Србија остана без капитенот: Богдановиќ го заврши настапот на ЕП поради повреда!

Лоши вести за кошаркарската репрезентација на Србија. Капитенот Богдан Богдановиќ го заврши своето учество на Европското првенство поради повреда, јавуваат српските медиуми.

​Според „Меридијан Спорт“, кој се повикува на извори од САД, на Богдановиќ му била дијагностицирана руптура на мускулот на тетивата. Поради оваа сериозна повреда, тој ќе мора да паузира од четири до шест недели и нема да може да му помогне на тимот на селекторот Светислав Пешиќ.

​Богдановиќ се повреди на крајот од првото полувреме на натпреварот против Португалија. Поради тоа, тој го пропушти и натпреварот со Латвија, во кој Србија тесно победи со 84-80.

​Ова е огромен удар за репрезентацијата на Србија, која останува без својот лидер и еден од најдобрите стрелци. Тимот на Пешиќ сега ќе мора да се потпре на 11 играчи во ротацијата.

​Србија својот следен натпревар го игра во понеделник, против Чешка во 20:15 часот.