Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на својата Фејсбук страница објави загрижувачки податоци за платите во земјата. Според податоците за мај 2025 година, од вкупно 509.960 работници, дури 73,3% или 374.045 примаат нето плата под државниот просек.
Од ССМ потенцираат дека:
169.082 работници (или 33,1%) примаат плата под 30.000 денари (околу 500 евра).
Голем дел од нив, дури и со две плати во семејството, не можат да ги обезбедат основните услови за живот, според вредноста на Синдикалната минимална кошница.
ССМ ја обвинува Владата, газдите и Парламентот за одбивањето да ја зголемат минималната плата, со што, според нив, се прави директна штета на речиси 170.000 работници. Синдикатот наведува дека „малцинството владее со мнозинството“, посочувајќи на функционерите, политичарите и газдите, кои со примања над просечната плата им велат на работниците дека не треба да им се зголемува платата.