Стан од 97 квадрати за 2.500 евра? Димитриевски под лупа поради сомнителна зделка

Советничката од редовите на СДСМ во Куманово, Атина Мургашанска, излезе со сериозни обвинувања против градоначалникот Максим Димитриевски, тврдејќи дека тој се стекнал со стан од 97 квадратни метри за речиси симболична цена од само 2.500 евра.

Според неа, во 2010 година, Димитриевски купил 10.000 м² земјиште за 10.000 евра. Подоцна, фирма која градела на тоа земјиште добила градежна дозвола, но долго време не можела да добие технички прием. Откако Димитриевски седнал во градоначалничката фотелја, негов кум купува два стана во зградата, по што зградата добива технички прием – по цели осум години чекање.

Неколку месеци подоцна, еден од тие станови преку размена завршува кај Димитриевски за само 2.500 евра – цена која е десеткратно пониска од пазарната, проценета на околу 70.000 евра.

Мургашанска повика на итна реакција од Антикорупциска, Обвинителството и Финансиската полиција, со сомнежи за перење пари, судир на интереси и злоупотреба на службена положба.

„Јавноста мора да добие одговори. Ова е класичен пример за непотизам, сомнителен имотен трансфер и можна корупција“, рече таа.