Стеваноски: Нападот врз Арсовска ја разоткрива хипокризијата на општеството и отпорот кон независни политичари

Адвокатот Жарко Стеваноски во своја јавна објава остро реагираше на последните случувања околу физичкиот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, оценувајќи дека станува збор за длабоко вкоренета нетолеранција на политичкиот систем кон секој обид за вистинска независност и интегритет.

„Данела е класичен и неспорен доказ дека партиите во оваа држава по никоја цена нема да дозволат да постои градоначалник кој ќе работи без интерес и ќе се спротивставува на политичката корупција, т.е. да биде независен,“ пишува Стеваноски, посочувајќи дека нејзината борба против партискиот притисок започнала уште на самиот почеток од мандатот.

Тој ги отфрла како „неупатени и паушални“ ставовите дека Арсовска доживеала „будење од зимски сон“ по три години. Напротив, вели тој, нејзината конфронтација со партиските структури започнала уште по првите неколку месеци од преземањето на функцијата.

„Ова може да го каже само оној кој не ги следел седниците на Советот на Град Скопје, на кои таа води битка на сите полиња поврзани со локалната власт и ја разобличуваше криминално-политичката спрега во целиот мандат,“ додава адвокатот.

Стеваноски жестоко ја критикува јавноста поради, како што ја нарекува, дволичноста и политичката пристрасност. Според него, граѓаните се декларираат како поддржувачи на чесноста и интегритетот, сè додека тоа не задира во интересите на нивната политичка опција.

„Кога народот тука зборува за избор на чесни политичари, тоа го мисли само на збор, а никако не сака да го види на дело – особено ако тоа се одразува негативно на рејтингот на партијата чиј симпатизер е. Ние сме дволични и имаме двојни аршини,“ пишува тој.

Повикувајќи се на примерот од 27 април, кога лица беа осудени на долги затворски казни, вклучително и за влечење на пратеничка за коса, Стеваноски прашува зошто сега нема ниту приближна реакција за нападот врз жена-градоначалник.

„Тука ви нападнаа жена-градоначалник, а вие не можете да се одлучите дали да верувате на своите очи од снимките или на партиската хајка дека таа го нападнала ‘терористот’ од УЧК со клоца.“

Дополнително, ја обвинува јавноста и медиумите за различен третман во споредба со други инциденти, посочувајќи ја реакцијата по насмевката упатена кон Дафина Стојаноска во парламентот, кога „медиумите реагираа како да се снимало силување во живо.“

„Не бре луѓе, немаат грев политичарите што ги бирате. Еве ви ги – ви овозможуваат да живеете како во италијански мафијашки филм од 80-те, а вие упорно меѓу себе се објаснувате кој кого прв удрил.“

Со доза на иронија, Стеваноски заклучува дека додека јавноста се залага за „независни листи и кандидати“, всушност го саботира секој што ќе покаже независен дух.

„Ако ние бевме народ како што треба, ова ќе беше држава,“ завршува тој, користејќи го хаштагот #БананаСплит, како симболична критика кон политичкиот и општествениот систем.