Стеваноски: Патриотски ја уништуваме иднината – државната администрација е преголема, вредните си заминаа

Жарко Стеваноски, кандидат за советник во општина Прилеп од Левица, упати остра критика кон состојбата во државата, наведувајќи дека „патриотски ја уништуваме иднината“ поради преголемата државна администрација и апатијата кај граѓаните.

​Стеваноски ја проблематизира бројноста на администрацијата: „Во држава со популација од 1.800.000 жители, од близу 180.000 администрација, секој од нив со по 4 члено семејство и од минимум уште толку, кои навиваат за следното работно место од поблиското семејство во државните јасли, ние очекуваме резултати кои ќе значат пресврт во државното управување?“

​Тој истакна дека вредните деца не чекале милостина од државата и неповратно заминале од земјата, додека оние кои останале се тивки и не гледаат мотив да се вклучат во промени, бидејќи секоја промена е „партиска, искварена“.

​Стеваноски упати срам кон возрасните кои молчат: „Срам да им е на возрасните кои сето ова го гледаат и молчат, на оние кои се гласни само за линеарно покачените пензии и на оние кои џаболебарошат на државна сметка, на штета на идните генерации.“

​Тој предупреди дека повторно се наговестува „репете“ – истото мени со истите неостварени 34-годишни ветувања: „Келнерите се менуваат а ние повторно ќе ја сркаме истата чорба.“