​Стопанска комора со состанок за поддршка на „Макпрогрес“ по пожарот

По пожарот што сериозно го оштети, Стопанската комора на Македонија закажа состанок за петок, 12 септември 2025 година, со раководителите на синџирите на маркети. Целта на состанокот е да се договори кампања за засилена продажба на производите на „Макпрогрес“, со цел да се обезбеди опстанок на фабриката и да се задржат сите вработени.

​Состанокот ќе го води претседателот на Комората, Бранко Азески. На него ќе присуствува и првиот човек на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, кој лично ќе го презентира концептот за идното работење на компанијата.

​„Макпрогрес“ е производител на познати брендови како „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“ и „Фантазиа“, а произведува и за приватни трговски марки на водечките маркети во земјата.

​Според Стопанската комора, големата поддршка од јавноста и на социјалните мрежи, која се јави по немилиот настан, ја потврдува важноста на „Макпрогрес“ како домашен македонски бренд.