Фудбалерите на Струга ТЛ го совладаа Работнички со 2:0 во првиот натпревар од 3. коло во Првата македонска фудбалска лига. Со оваа победа, стружани ја продолжија серијата од три победи во три натпревари на стартот од сезоната, додека „романтичарите“ и по 270 минути игра остануваат без постигнат гол.
Струга ТЛ од самиот почеток ја презеде иницијативата, но првата посериозна шанса се случи дури во 21. минута, кога Радески шутираше со глава право во рацете на голманот Василев. Клучниот момент од првото полувреме се случи во 45. минута, кога Компаоре беше соборен во шеснаесетникот од Велиќ. Судијата Смоквоски досуди пенал, а по ВАР-проверката, Компаоре успешно го реализираше за водство од 1:0.
Во второто полувреме, Струга ТЛ продолжи да ги контролира настаните на теренот. Имаа шанси преку Жарју и Компаоре, а во 67. минута Работнички постигна гол, но истиот беше поништен поради играње со рака на Николовски.
Работнички во 81. минута ја имаше најголемата шанса за израмнување, кога Хоџа сам излезе пред домашниот голман, но ја погоди стативата.
Конечниот резултат го постави Малески во 90+4 минута, со што ја потврди заслужената победа на Струга ТЛ од 2:0. Во финишот од натпреварот деби за домашниот тим забележа и новото засилување, Ѓорѓе Ивковиќ.
Фото: ФК Струга