Струмичката епархија алармира: Измамници собираат пари преку лажен профил „Библиска Македонија“

Струмичката православна епархија денеска издаде официјално соопштение со кое ја алармира јавноста за онлајн измама поврзана со лажен профил на социјалните мрежи под името „Библиска Македонија“.

Според епархијата, непознати лица се претставуваат како дел од црковната заедница и собираат донации во нејзино име, без никаква дозвола или врска со црквата. Од таму потенцираат дека станува збор за класична измама и ги повикуваат верниците и граѓаните да не уплаќаат средства преку тој профил.

„Ги информираме сите верници дека профилот ‘Библиска Македонија’ нема никаква поврзаност со Струмичката епархија и секоја активност што ја врши е целосно спротивна на нашите вредности и ставови“, стои во соопштението.

Епархијата упати апел до надлежните институции итно да реагираат и да го спречат ова злоупотребување на црковното име за лична корист. Исто така, повикуваат на зголемена внимателност при донирање преку интернет, особено кога станува збор за религиозни или хуманитарни цели.