Царинската управа извести дека во Гостивар е поднесена кривична пријава против студентка, државјанка на Република Турција, откако при претрес на домот во кој престојувала е пронајдена психотропна дрога, вклучувајќи МДМА, мефедрон и марихуана.
Претресот бил извршен од инспектори од Одделението за истраги со налог од надлежното обвинителство.
При претресот се пронајдени и запленети:
- Шест таблети од метилендиоксиметамфетамин (МДМА), со вкупна тежина од 0,29 грама.
- 1,63 грама мефедрон.
- Марихуана.
- Десет семки од канабис.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. Веднаш по приемот на пратката и откако осомничената ја отворила и ја извадила дрогата, царинските инспектори извршиле претрес и ја пронашле дрогата.
Запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената е поднесена кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.