Судењето за бруталните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски влегува во завршна фаза. Денеска во Основниот кривичен суд – Скопје, своите завршни зборови ги изнесуваат обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, а потоа ќе следи и одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски.
На претходното рочиште, нивните бранители побараа ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвинението е неосновано, а доказите – слаби или изнудени. Обвинителството, пак, побара доживотен затвор за четворица обвинети – Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања – Александар Ѓорчевски, соодветна казна за неговата улога во киднапирањето.
Обвинителството ги обвинува осомничените дека заеднички го испланирале грабнувањето на малолетната Вања за да изнудат откуп, а Панче Жежовски го грабнале за да дојдат до возило. Телата на жртвите беа пронајдени на 3 декември 2023 година.
Претставниците на оштетените семејства се приклучија кон обвинението и побараа имотно-правен надомест. Следува завршен збор на одбраната на Палевски, кој од почетокот тврди дека се работи за политички монтиран процес.