Граѓанската иницијатива Супорт Кочани, која обезбедува поддршка за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, остро реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера од Велес оцени дека „граѓанското движење за Кочани полека се претвора во политичко“.
Во јавното обраќање, од организацијата порачуваат дека не се препознаваат во зборовите на премиерот, ниту имаат намера нивната хуманитарна мисија да се искористи за политичко препукување.
„Supportkocani не се препознава во коментарот на премиерот. Сигурно мисли за некое друго здружение. Доколку можеме било како да помогнеме – знаете каде можете да не’ најдете и контактирате. Да бидеме дел од политичка реторика и препукување е рецепт како можете да го убиете ентузијазмот на оваа група луѓе која стана заедница“, стои во нивната реакција.
Организацијата потенцира дека ништо нема да им застане на патот на солидарноста, па ниту изјави од политички врвови.
„Ништо нема да ни застане на патот на солидарноста за сограѓаните, другарите, браќа и сестри што настрадаа во ‘Пулс’, а најмалку тоа треба да биде државата или политичките чинители“, нагласуваат од Супорт Кочани.
Премиерот Мицкоски, од друга страна, на настан во Велес, обвини дека опозициската СДСМ „злоупотребува колективни и индивидуални несреќи за политички поени“, посочувајќи дека граѓанската мобилизација по трагедијата се претвора во платформа за политички теми како водоводи, канализации и нереализирани ветувања – што, според него, е дел од предизборна стратегија.