Таравари: Мицкоски е под притисок од уверувања и шпекулации

Министерот за здравство, Арбен Таравари, најави дека наскоро ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски за да му ја презентира, како што рече, реалната слика за последните случувања во Владата и одлуката на неговото крило на партијата.

– Премиерот Мицкоски изминатиот период беше под сериозен притисок поради различни причини. Жал ми е што гледам дека и тој станува жртва на разни уверувања. Единствената вистина е дека нашата партија одлучи да настапи со посебни листи за советници на локалните избори – изјави Таравари за ТВ 21.

Според него, токму оваа одлука предизвикала незадоволство кај дел од албанските структури во Владата, кои, како што вели, започнале да шират шпекулации и алиби.

– Не сакаме повеќе да бидеме дел од таа клима на сомнежи, манипулации и заговори. За жал, дел од политичарите Албанци во Владата се уште функционираат со стар политички менталитет – додаде Таравари.

Тој најави дека ќе го информира премиерот за конечната одлука на неговото крило на Алијанса за Албанците, со цел да расчистат сите недоразбирања и шпекулации.