Тарифите на Трамп, инфлацијата и неизвесноста ја зголемија вредноста на благородниот метал

Цената на златото скокна на рекордно високо ниво, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во април. Како главна причина се наведуваат новите тарифи што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, како и слабиот долар и очекувањата за намалување на каматните стапки во САД.

​Во азиската трговија, цената на златото порасна за 0,9 проценти, достигнувајќи 3.508,70 долари за унца, пред да се стабилизира на 3.497 долари.

​Аналитичарите наведуваат дека побарувачката за злато се зголеми бидејќи инвеститорите го гледаат како сигурна инвестиција во услови на инфлација и макроекономска неизвесност.

​Дејвид Вилсон, раководител на стратегијата за стоки во BNP Paribas, изјави дека „сè се спојува за да се создаде совршена ситуација за повисоки цени на златото“ и дека „зголемените нивоа на економска неизвесност јасно го прават златото попривлечно“.

​Растот на цената е поттикнат и од загриженоста за независноста на Федералните резерви по притисокот на Трамп врз претседателот Џеј Пауел, како и од очекувањата за намалување на каматните стапки.

​Според анализата на „Голдман Сакс“, приливот во фондовите за злато што се тргуваат на берза е главен извор на побарувачка. Аналитичарите на банката предвидуваат дека спот цените би можеле да достигнат 4.000 долари за унца до средината на следната година.