Тајванските вооружени сили денеска за првпат демонстрираа огнена моќ на американските високомобилни артилериски ракетни системи ХИМАРС (HIMARS), во рамки на најобемните воени вежби досега – „Хан Куан 2025“.
Во близина на градот Тајчунг, на централниот брег на островот, беа забележани два оклопни камиони ХИМАРС како маневрираат, симболично демонстрирајќи подготвеност за спротивставување на евентуална инвазија од Кина.
Воен претставник на Тајван изјави дека клучно за ефективноста на овие системи ќе биде нивното криење од непријателско извидување – било тоа воздушно, сателитско или преку шпионска мрежа – сè додека не се даде команда за напад.
Следната недела се очекуваат бојни гаѓања, со учество на воени авиони и бродови, што ја нагласува сериозноста на вежбите. Официјален Тајпеј ги гледа овие маневри како одговор на сè поагресивната стратегија на Пекинг, кој го смета Тајван за своја територија и редовно врши воени патроли во близина на островот.
Синоќа, Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека пресретнало 14 кинески воени авиони и 9 бродови, од кои девет летала ја преминале средната линија во Тајванскиот Теснец – симболичната разграничувачка линија меѓу Тајван и континентална Кина.
Кинеското Министерство за одбрана ги нарече вежбите „обичен блеф“, додека Министерството за надворешни работи повтори дека се остро против какви било воени врски помеѓу САД и Тајван.
Тајванскиот претседател Вилијам Лаи возврати: „Само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина.“
Вежбите „Хан Куан“ ќе траат 10 дена и претставуваат јасен сигнал дека Тајван е подготвен за сите сценарија.