Тензии во Белград: Судири пред Парламентот меѓу противници и поддржувачи на Вучиќ, уапсени 37 лица

Стотици полицајци во опрема за разбивање демонстрации беа распоредени во центарот на Белград пред српскиот Парламент, со цел да спречат директна конфронтација меѓу голем број противници и поддржувачи на властите. Тензиите избувнаа синоќа по собирот за поддршка на Дијана Хрка, мајка на едно од 16-те лица кои загинаа во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад минатата година.

​Дијана Хрка започна штрајк со глад вчера во близина на Народното собрание, барајќи одговорност за смртта на нејзиниот син Стефан и останатите жртви, ослободување на уапсените студенти кои протестираа за трагедијата, како и распишување избори во Србија. Таа ноќеска изјави дека нема да се откаже од штрајкот сè додека не бидат исполнети сите нејзини барања.

​Српското МВР соопшти дека се приведени 37 лица поради нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред Собранието. Полицијата интензивно работи на пронаоѓање и идентификување на други учесници кои ја загрозиле безбедноста.

​Синоќа дојде до размена на навреди, фрлање пиротехнички средства, шишиња и камења меѓу двете групи. На социјалните мрежи беше објавено и видео од приведувањето на поранешниот српски кошаркар Владимир Штимац, кого државните медиуми го товарат за поттикнување насилство.

​Конфронтацијата се одвиваше пред „Ќациленд“ – шаторската населба на поддржувачите на властите, поставена во Пионирски парк од март годинава. Граѓаните кои ја поддржуваат Хрка сметаа дека патриотската и народната музика која одекнуваше од звучниците во текот на ноќта е намерно пуштена заради провокација.

​Претседателот Александар Вучиќ, коментирајќи ги инцидентите, изјави дека биле очекувани.

​„Вечерва, тие брутално се обидоа да го нападнат симболот на слободата, Пионирски парк, Ќациленд, мал остров во срцето на Европа… Тие беа нападнати од блокадери кои се нервозни и хистерични поради вчерашниот настан“, рече Вучиќ, отфрлајќи ги обвинувањата дека тој ги предизвикал инцидентите.

​Собирања во поддршка на Дијана Хрка се одржаа и во Нови Сад, Суботица, Бачка Топола, Лесковац, Ниш и Чачак.

​Тензиите во Белград се зголемија само еден ден по големиот и мирен комеморативен собир во Нови Сад, каде илјадници луѓе ја одбележаа првата годишнина од трагедијата и го поддржаа студентското движење кое бара одговорност за несреќата и политички промени.

​Граѓаните кои ја поддржуваат мајката на загинатото момче изјавија дека нема да ја остават сама. Студентите во блокада, иако се повлекоа од платото, порачаа дека остануваат верни на ненасилните методи на борба и дека Хрка „не смее да остане сама“.