Тер Штеген во конфликт со Барселона, клубот покренува дисциплинска постапка

Каталонскиот гигант Барселона покренал дисциплинска постапка против првиот голман Марк-Андре тер Штеген, откако германскиот репрезентативец одбил да потпише согласност клубот да достави медицински извештај за неговата повреда и операција до раководството на Ла Лига, пренесува „Мундо Депортиво“.

Според изворите, случајот е предаден на правниот тим на клубот, а 33-годишниот голман речиси сигурно ќе се соочи со санкции.

Причината за важноста на извештајот е финансиска – доколку се докаже дека Тер Штеген нема да се опорави во наредните пет месеци, Барселона би добила дозвола од Ла Лига да регистрира нов голман и пренасочи 80 проценти од неговата плата кон друг играч.

Ова е дел од строгите финансиски регулативи што важат за Барселона по финансиската криза која кулминираше за време на пандемијата. Клубот сега мора строго да ги почитува границите на платниот фонд, а секој тежок отсуство претставува можност за замена со ограничени ресурси.

Како потенцијална замена за Тер Штеген се споменува 24-годишниот Џоан Гарсија, а слична ситуација се случи и минатата сезона кога во последен момент беше регистриран Дани Олмо по повредата на Андреас Кристенсен.

Она што дополнително ги влошува односите е одбивањето на Тер Штеген да присуствува на повиканиот разговор со раководството на клубот. Според пишувањата на шпанските медиуми, односите меѓу играчот и клубот се значително влошени.

Германецот е дел од Барселона од 2014 година и досега има настапено на 422 натпревари, освојувајќи Лигата на шампионите и шест титули во Ла Лига. Но, оваа епизода би можела да означи почеток на крајот на неговиот престој на „Камп Ноу“.