Откажан е музичко-забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден – празникот на градот Кочани. Одлуката ја донесе в.д. градоначалникот Венко Крстевски, по јавното барање на родителите на децата кои трагично го загубија животот во несреќата во дискотеката „Пулс“ на 16 март годинава.
Вечерта пред планираниот концерт, родителите се собраа пред сцената во Паркот на Револуцијата, каде што требаше да настапат повеќе бендови. Таму поставија фотографии од своите деца и запалија свеќи во нивна чест, испраќајќи силна порака до јавноста и институциите.
Во официјалното соопштение, Крстевски изрази сочувство и разбирање за болката на семејствата:
„Животот продолжува, но трагедијата во ‘Пулс’ нè остави во заложништво на болката. Особено за родителите кои секој ден живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичките настани не значи запирање на животот, туку чин на почит и сочувство. Заедништвото се гради со храброст и разбирање“, истакна тој.
Родителите претходно писмено се обратија до општинските власти со барање музичкиот дел од прославата да се одложи, што беше и прифатено.
Кочани оваа година Петровден го одбележува со тишина, молитва и солидарност, наместо со веселба и музика.