Актуелниот градоначалник на Општина Крушево и кандидат за истата функција од СДСМ, Томе Христоски, им се заблагодари на граѓаните за масовната поддршка и довербата во првиот круг. Тој истакна дека резултатот е доказ за препознавање на патот на работа и развој и најави дека со уште поголема енергија влегува во вториот круг, повикувајќи на обединување за конечна победа.
Во своето обраќање до сограѓаните, Христоски нагласи дека гласот на граѓаните е доказ дека заедно го одат вистинскиот пат – „патот на работа, развој и грижа за секој човек во нашето Крушево“.
„Но ова е само првиот чекор! Сега – со уште поголема енергија, решителност и љубов кон нашата општина – влегуваме во вториот круг!“, порача Христоски.
Тој ја потенцираше важноста на заедништвото, истакнувајќи: „Кога Крушевчани се обединети, нема сила што може да нѐ сопре! Од градот до секое населено место – секој човек, секој глас е важен. Заедно сме најсилни!“
Градоначалникот повика на финална победа за да продолжи реализацијата на проектите што носат развој, стабилност, чесност и одговорно водство. Томе Христоски ќе се бори за нов мандат во вториот круг на 2 ноември.