Тешка сообраќајна несреќа се случи во среда вечерта во градот Подградина, општина Сливно, при што три лица го загубија животот. Автомобилот излетал од патот и завршил во реката Мала Неретва, пренесуваат хрватските медиуми.
И покрај брзата реакција на сите служби, за жал, немало можност за спасување на патниците.
„Во коритото на реката Мала Неретва, нуркачите пронајдоа возило превртено на покрив. Со помош на кран, автомобилот беше извлечен од реката околу 1:30 часот“, соопшти хрватската полиција.
Телата на загинатите биле пронајдени на задното седиште од возилото, пренесе 24сата.хр. Според информациите, станува збор за лица родени во 1977, 1948 и 1964 година.