Трагедија во Љубљана: Почина македонски државјанин, се истражува причината за смртта

Македонската амбасада во Љубљана добила известување дека во текот на ноќта на 2 октомври животот го загубил македонски државјанин, роден 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

​МНР информира дека, според информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.

​„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, велат од МНР.

​Словенечките медиуми објавија дека 38-годишниот маж од Северна Македонија починал во центарот на Љубљана. Порталот 24.ur.com објави дека неговото тело е пронајдено во четвртокот во раните утрински часови.

​Иако според неофицијални информации тој бил претепан до смрт, словенечката полиција тоа не го потврдила.

​„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна кривична истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на полицијата.

​Полицијата, исто така, не ги потврди ниту наводите дека починатиот маж е пронајден на локацијата Метелкова.