Трагедија во општина Градско – денеска напладне е пронајдено телото на 16-годишната Теодора Бабариќ, која исчезна на 24 јули во водите на реката Вардар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, телото на девојчето било забележано околу 12:10 часот во близина на селото Старо Градско. По извршен увид, по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција.
Во интензивната потрага по Теодора учествуваа припадници на полицијата и специјалната единица „Волци“ на Армијата, откако исчезнувањето беше пријавено од страна на нејзината сестра преку бројот за итни повици.
Заедно со Теодора, беше пријавено исчезнување и на 26-годишна жена, која за среќа беше пронајдена жива.
Овој немил настан ја потресе јавноста и повторно го отвори прашањето за безбедноста покрај реките и навремената реакција во слични случаи.