Трамп ги удвојува царините за челик и алуминиум – трговската војна се разгорува

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп најави драстично зголемување на царините за увоз на челик и алуминиум, потег што се очекува да предизвика нови тензии на меѓународната економска сцена. Говорејќи пред работници во фабрика за челик во Пенсилванија, Трамп соопшти дека царините за челик ќе се зголемат од 25% на 50%, а истата мерка ќе важи и за увозот на алуминиум.

„Никој нема да може да ги избегне“, изјави Трамп, додавајќи дека царините се неговото „омилено оружје“ во борбата за заштита на американската индустрија. Според Белата куќа, новите давачки ќе стапат на сила на 4 јуни.

Со оваа најава, Трамп повторно го отвора фронтот на економски национализам, што предизвикува сериозна загриженост кај меѓународните трговски партнери и економски аналитичари. Посебно засегнати ќе бидат земјите од Европската унија и Кина, кои веќе водат преговори со САД во обид да избегнат дополнителни царински удари.

Новите мерки веќе се предмет на правни предизвици во САД. Иако некои судски одлуки досега беа во корист на администрацијата, исходот на дел од случаите сè уште е неизвесен. Трамп најави дека, ако е потребно, ќе оди и до Врховниот суд.

Особено загрижувачки за Европа е фактот што САД се најголем увозник на европски челик. Во 2023 година, ЕУ извезе околу 4 милиони тони челик во САД, од кои еден милион тони дојдоа од Германија – водечкиот европски производител.

Трамп и натаму ги користи царините како клучна точка во својата економска и предизборна платформа, тврдејќи дека токму неговите политики ја спасиле американската челична индустрија. Во таа насока, тој го пофали и потенцијалниот договор помеѓу УС Стил и јапонската корпорација Нипон Стил, иако синдикатите жестоко се противат на ова преземање.

Додека светот чека дали и колку ќе се реализираат новите трговски мерки, јасно е дека администрацијата на Трамп повторно го поставува економскиот протекционизам како водечка стратегија – со сите ризици и последици што може да произлезат од тоа.