Трамп: Лос Анџелес ќе беше срамнет со земја без Националната гарда

Протестите во Лос Анџелес, поттикнати од рации и депортации на мигранти, прераснаа во насилни немири, поради што поранешниот претседател Доналд Трамп одлучи да испрати Национална гарда во градот – без согласност од властите во Калифорнија.

На неговата мрежа Truth Social, Трамп повторно ја оправда својата одлука, нарекувајќи ја „исклучително важна и правилна“.

„Донесовме одлична одлука кога ја испративме Националната гарда за да се справи со насилните, поттикнати немири во Калифорнија. Да не го сторевме тоа, Лос Анџелес ќе беше целосно уништен“, напиша Трамп.

Тој жестоко ги нападна гувернерот Гевин Њусом и градоначалничката Карен Бас, велејќи дека требало да му се заблагодарат за неговото делување.

„Наместо тоа, тие лажат и тврдат дека немало потреба од интервенција, дека протестите биле ‘мирни’. Еден поглед на снимките е доволен да се разбере реалноста“, додаде Трамп, порачувајќи:
„Секогаш ќе направиме што е потребно за да ги заштитиме нашите граѓани – заедно ќе ја направиме Америка повторно голема!“

Началникот на полицијата на Лос Анџелес, Џим Мекдонел, ја поддржа тезата за сериозноста на ситуацијата, оценувајќи дека нивото на насилство по протестите е „одвратно“ и дека секој ден ситуацијата се влошува.

„Она што се случува во последните денови станува полошо и поопасно“, рече Мекдонел.

Тој ја истакна промената на полициската тактика и подвлече дека насилните групи не се исти со мирните демонстранти кои дење го изразуваат своето незадоволство од имиграциските политики.

„Кога гледам кој го предизвикува насилството, тоа не се истите луѓе што ги гледаме преку ден. Овие групи доаѓаат со поинакви цели“, заклучи тој.